Опасни болести што милениците може да ги пренесат на децата Опасни болести што милениците може да ги пренесат на децата
Приврзаноста кон некое друго живо суштество навистина буди посебни чувства, посебно кај децата кои преку игра се обидуваат да се зближат и да се... Опасни болести што милениците може да ги пренесат на децата

Приврзаноста кон некое друго живо суштество навистина буди посебни чувства, посебно кај децата кои преку игра се обидуваат да се зближат и да се грижат за својот миленик. Тоа е чувство на грижливост преку кое детето учи да го почитува и светот околу себе.

Сепак, една од негативните страни да се поседува домашен миленик се – зоонозите, болести кои од животните може да се пренесат на луѓето.

Најчести зоонози:

1. Болест на мачкина гребнатинка е бактериска инфекција која во 90% од случаите ја пренесуваат мачките, а поретко и кучињата. Болеста е претежно поврзана со изложеност на плунката од мачките, која преку повреда на кожата може да навлезе во нашето тело и да предизвика инфекција. Предизвикувач е бактеријата Bartonella Henselae. Најпрвин предизвикува меурчиња на кожата, а после 2-3 недели и отеченост на регионалните лимфни јазли. Често пати таквата состојба е проследена и со умор, малаксаност, зголемена температура и намален апетит. Обично болеста минува без компликации, но некогаш може да се случат и воспаленија на слезинката, црниот дроб, па дури и на мозокот и на срцето. Во двата случаја потребна е лекарска интервенција.

2. Микроспороза е габично заболување кај животните, а човекот се заразува само од еден вид на овој причинител. Станува збор за Microsporum canis, кој паразитира кај кучињата и кај мачките. Кај луѓето се пренесува преку контакт со заболено животно. Инфицираните подрачја се обично без влакна, а се забележува и лупење на кожата. Кај луѓето болното место е во вид на круг, чија кружница има црвени точки. Средината е сува и се лупи во вид на првут. Лекувањето најчесто се врши со креми против габички, но трае подолго време.

3. Салмонелоза и Кампило бактерија, се цревни бактерии. Првата најчесто се пренесува преку инфицирани прехранбени производи од животинско потекло, преку контакт со болно животно или со негови секрети, како и со конзумирање расипани кокошкини јајца. Кампило бактеријата се пренесува изметот на болно животно, преку расипано непастеризирано млеко, или преку загадена вода. Симптомите кај луѓето се исти и за двете бактерии. Силни болки во стомакот, упорни проливи и чести нагони за повраќање. Постои опасност од дехидрација на организмот, па потребна е итна лекарска интервенција.

4. Беснило, е тешка заразна болест предизвикана од вирус. Се пренесува преку гризнување од болно животно. Ова е најопасната зооноза бидејќи, ако не се третира на време, со сигурност е смртоносна! Времето на инкубација (од гризнување до појава на првите симптоми) трае 2-4 недели. Потоа следуваат три фази кои траат по околи една недела. За болеста се карактеристични грчевите на мускулите на главата и на вратот и обилно лигавење. Треба да се знае дека во првиот стадиум на болеста животните се мошне питоми и дури изгледаат исплашено. Тие се мошне опасни бидејќи немаат карактеристични симптоми на болест, а смртоносниот вирус веќе се наоѓа во нивната плунка. Така што, во случај на гризнување тој ќе навлезе во организмот на повредениот. Токму затоа, секое куче кое што гризнало човек мора да биде прегледано од ветеринарен доктор за да се утврди дали е сомнително на беснило. Дури и при најмал сомнеж, гризнатото лице мора да прими серум за да се спречи евентуално ширење на болеста. Болното животно веднаш се успива!

5. Пситакозата е позната и како папагалска грозница. Се пренесува преку контакт со контаминирана прашина која што се насобира во хранилките или на подот од кафезот. Во неа има инфективен материјал кој што преку изметот птицата го проширила во својата околина. Симптомите се кашлање, висока температура и главоболка. Кај луѓето може да предизвика и тежок облик на воспалување на белите дробови.

6. Токсоплазмоза е паразитска болест која што ја пренесуваат мачките. Најчесто преку вода која што е заразена со спори од мачкин измет, кои често пати се наоѓаат на шепите или околу устата на животното. Мошне е опасна бидејќи паразитот – Toksoplasma gondii, кај жените може да предизвика стерилитет, а кај бремените дури и абортус на плодот. Во друг случај, ако бременоста не се прекине, на плодот големи оштетувања би можеле да претрпат очите и мозокот. Кај возрасните луѓе болеста не е воопшто опасна и минува и без изразени симптоми.

7. Токсокароза е болест предизвикана од паразитот Toxacara canis (мал црв) кој живее во цревата на кучињата и на мачките. Се пренесува преку јајцата преку кои се размножува паразитот, а кои се исфрлаат со изметот. Така животните го заразуваат дворот или песокта во детските игралишта. Често пати и здрави животни кои шетаат низ парковите или игралиштата на своите шепи го залепуваат паразитот или неговите развојни облици и при невнимание на сопственикот ги внесуваат во домот. Муцката на животните исто така е место преку кое може да се пренесе болеста. Додека душкале низ парковите на нивниот нос може да се налепат различни паразити, па така и предизвикувачите на токсокарозата. Човекот заболува кога со рацете, со кои претходно милувал некое животното, внесе во устата храна или со рака се напие вода. Болеста е опасна бидејќи, додека е во фаза на ларва, таа кружи низ целото тело, па може да дојде до окото или мозокот, каде што ќе го продолжи својот развој. Се дијагностицира кога во изметот на човекот ќе се утврди присуство на живи паразити. Токму затоа ветеринарите ја нагласуваат потребата од редовно прочистување на кучињата од цревни паразити.

Ова се само еден мал дел од болестите кои што може да ви ги пренесат вашите миленици. Секако, со правилна нега (редовно вакцинирање и прочистување од паразити) и строга хигиена ниту една од нив не би требало да претставува закана за вашето семејство.

Др.вет. Петар Блажевски

Наш избор:
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.