Освојување на височините, најубави врвови во Македонија Освојување на височините, најубави врвови во Македонија
Слободно може да се каже дека Република Македонија е планинска земја со околу 40 планини од кои 12 повисоки од 2.000 метри. Ниту една... Освојување на височините, најубави врвови во Македонија

Слободно може да се каже дека Република Македонија е планинска земја со околу 40 планини од кои 12 повисоки од 2.000 метри. Ниту една држава во Европа, нема толкав број на самостојни планински целини и планински масиви во однос на својата површина. На сите овие планини има околу 260 интересни и впечатливи планински врвови, од кои 85 над 2.000 метри.

 

Голем Кораб (2.753 m) е највисок врв на планината Кораб, а воедно и највисок врв во Република Македонија. Врвот се наоѓа во северниот дел на планината, на границата со Република Албанија. Врвот е доста стрмен, особено кон албанската страна.

 

 

 

 

Титов Врв (2.747 m), уште е познат како Турчин или Шар и е меѓу најубавите, а воедно и највисок врв на Шар Планина и втор по височина во Република Македонија. Изграден е од мезозојски варовници, доста распукани и оголени. Инаку има пирамидална форма.

 

 

 

Пелистер (2.601 m) е највисокиот врв на планината Баба, а се наоѓа во нејзиниот северен дел. Месното население целата планина ја нарекува Пелистер. Врвот е најдоминантен во овој дел на Република Македонија. Поради специфичната положба нуди широк и прекрасен панорамски видик.

 

 

Солунска Глава (2.540 m) е највисокиот врв на планината Јакупица. Тој е остар (со конусен изглед), карпест  врв. Од таму може да се гледа поголемиот дел од територијата на Република Македонија, а за многу ведро време, според кажувањата, се гледа дури до Солунскиот Залив.

 

 

 

Кајмакчалан (2.520 m) е највисок врв на планината Ниџе. Просторно се наоѓа во средишниот дел на планината, на самата граница со Република Грција. Врвот е оголен, стрмен посебно кон долината на Коњарка на север и релативно пристапен, бидејќи до него води макадамски пат кој започнува кај с. Скочивир. На самиот врв има црква, гробница и неколку други помали објекти како обележја од Првата светска војна.

 

 

Голем Крчин (2.341 m) е највисок врв на планината Крчин. Се наоѓа во северниот дел на планината, над селото Ростуше, на границата со Република Албанија. Врвот е стрмен, оголен и карпест, бидејќи е подложен на силно температурно и мразно разорување.

 

 

 

Црни Врв (2.257 m) е највисок врв на планината Јабланица. Се наоѓа во средишниот дел на планината, над селото Вевчани. Врвот е остар, многу интересен и со широк панорамски видик, особено кон Охридското Езеро. Во подножјето на врвот е убавото Вевчанско глацијално Езеро.

 

 

Магаро (2.254 m) е трет по височина врв на планината Галичица (највисок е Плаја е Пусит, 2.288 m) и втор на територијата на Република Македонија. Врвот е доста убав, релативно стрмен, посебно кон западната страна. Од него има прекрасен видик кон Охридското Езеро на запад и Преспанското Езеро на исток.

 

 

 

Зелен Брег (2.166 m) е највисок врв на планината Кожуф. Се наоѓа во средишниот дел на планината, југоисточно од с. Конопиште (Кавадаречко). Врвот е заоблен, лесно пристапен и покриен со високопланински пасишта. Кон југ се протега одличен и восхитувачки панорамски видик кон острите ограноци на Кожуф и кон Солунско Поле.

 

 

 

Меденица (2.163 m), е највисокиот врв на планината Бистра. Се наоѓа во нејзиниот западен дел, над селото Галичник.

 

Наш избор:
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.