Сѐ што треба да знаете; АКВАРИСТИКА Сѐ што треба да знаете; АКВАРИСТИКА
Сите многу добро знаеме колку децата ги сакаат животните. Уште од најмала возраст многу од нив покажуваат заинтересираност за домашнимиленичиња. Имајќи предвид дека често... Сѐ што треба да знаете; АКВАРИСТИКА

Сите многу добро знаеме колку децата ги сакаат животните. Уште од најмала возраст многу од нив покажуваат заинтересираност за домашнимиленичиња. Имајќи предвид дека често пати не сме во можност на детето да му овозможиме куче или маче, како идеално решение се наметнува набавка на аквариум. Иако со рипчињата не можат да си играат како со влакнестите миленичиња, децата со задоволство ќе ги надгледуваат и ќе се грижат за рипчињата.

Дефиницијата за аквариум вели дека тоа е застаклен биолошки систем во кој се одвиваат природни процеси важни за одржување на биолошката рамнотежа (раст и размножување на сите живи суштества во него). Со други зборови, тоа е еден микро свет кој што би требало да функционира како да е природен. Затоа, цел на секој акварист е да им овозможи на рипчињата и на аквариумските растенија услови колку што е можно поблиски со оние кои што би ги имале во природата.

Историјата на акваристиката започнала уште во далечниот 10 век, кога во Јапонија и во Кина се појавиле првите одгледувачи на украсни риби. На европскиот континент аквариумите почнале да се појавуваат на почетокот од 18 век. Секако, под влијание на далечниот исток. Сепак, златните денови на акваристиката почнуваат дури по Втората светска војна.

КУПУВАЊЕ  АКВАРИУМ  И  ДОПОЛНИТЕЛНА  ОПРЕМА

Мошне е чест случајот родителите на своите деца да им купат стаклена топка со по една златна рипка. Но, за жал, во таквите случаи таа нема долго да опстане. Најчесто во продавниците за миленичиња велат дека за таков аквариум е доволно само да има чиста вода и рипчето редовно да се храни. Но, без соодветна опрема, како што се филтер за прочистување на водата и греач, не може да се постигнат идеалните физички и хемиски својства на водата. Општо правило е дека колку аквариумот е поголем, тој е полесен за одржување и мошне поудобен за рибите.

Затоа, штом ќе се решите за набавка на аквариум, задолжително набавете и стручна литература. Пред да заминете да ја купите опремата вие мора да:

– знаете колку пари сакате да инвестирате

– одлучете дали сакате аквариум со топловодни, со ладноводни или со морски риби (овој последниот никако не е за почетници!)

– знаете каква опрема треба да набавите

– да се информирате каде е најдобро да биде поставен аквариумот

– да се информирате од каде е најдобро да купите рипчиња

Секој аквариум, покрај риби треба да има и:

– филтер за прочистување на водата

– греач, кој што е мошне важен за топловодните тропски риби, кои живеат на температури од 23 до 28 степени целзиусови

– неонско светло вградено на капакот од аквариумот

– подлога, односно материјал за дното (чакал или песок)

– декоративни елементи (камења, парчиња дрво, позадина…)

– живи растенија

– храна за рипчињата

Мој совет би било да набавите целосно подготвен аквариум, со сите претходно споменати делови.

ПОДГОТОВКА  НА  ВОДАТА (циклирање)

Пред да се населат рипчињата, водата во аквариумот мора да бите соодветно подготвена, односно, одреден периос отстоена заедно со тревките. Станува збор за таканаречен „азотен круг“, кој постои и во природата. За време од 3 – 4 недели во водата се создаваат азотни бактерии кои отровните материи од секретите и од фекалиите на рибите ги претвораат во помалку штетни, кои може да бидат искористени од билките засадени во подлогата. Заради тоа, невозможно е аквариумот да го наполните со вода од чешма и рибите веднаш да ги ставите внатре. Во продавниците постојат препарати кои се ставаат во водата и значително го скратуваат времето потребно за подготовка на водата.

КУПУВАЊЕ  РИПЧИЊА

При купувањето на рипчињата и билките препорачуваме да се посоветувате со лице кое што веќе има аквариум. Исклучително е важно да се купува од место каде што имаат здрави и квалитетни риби. На раазни форуми може да се сретнат многу огласи за продажба на повеќе видови аквариумски рипчиња, но ако сакате да купите од некој огласувач, нека биде некој што ќе ви го препорача акварист со искуство. При купувањето побарајте да ви објаснат дали примерокот што сте го одбрале може да живее во аквариум каков што вие планирате да направите. Односно дали му одговараат температурните услови на водата. Исто така, има некои видови што бараат соодветна храна, па ќе мора да водите сметка и за тоа. При изборот треба да се внимава оти некои видови се мошне дружтвени, додека други се борбени и со изразена агресивност. За такви, ќе ви треба повеќе искуство како да ги одомаќите меѓу останатите.

За почетниците би препорачале набавка на поотпорни видови кои солидно ја поднесуваат тврдата вода, каква што имаме во Македонија. Такви се пред се, живородните риби: guppy, molly, некои видови тетри, чистачите, а од ладноводните видови тука се карасите (златните рипчиња).

ЧИСТЕЊЕ  НА  АКВАРИУМОТ

Од прилика една недела откако во својот аквариум сте ги населиле рипчињата, ќе забележите дека водата повеќе не е кристално чиста. Тогаш почетниците прават фатална грешка и го чистат целиот аквариум. Тоа не е добро! Ако го направите тоа, вие ќе го прекинете природниот процес на кружење на азотот и ќе ја уништите зосдадената биолошка рамнотежа во аквариумот. Аквариумот никогаш не се чисти цел, туку препорака е секој седум до 14 дена да се смени дел од водата. Но, не повеќе од една третина. Треба да се исчисти филтерот и да се пребрише стаклото. Тоа се прави со сунѓерче, без додаток на средства за чистење.

Нема дилеми дека со малку труд и учење, аквариумот ќе го развесели и ќе ги опушти малите акваристи. Во многу култури се верува дека тој во секој дом донесува смиреност и хармонија.

Др. вет. П.Блажевски

Наш избор:
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.