Зороастрија и учењето на ЗАРАТУСТРА – религија на древната ПЕРСИЈА Зороастрија и учењето на ЗАРАТУСТРА – религија на древната ПЕРСИЈА
Најголемите светски религии длабоко влијаеле врз воспоставувањето на денешната култура и општествено-политичките уредувања. Токму затоа нивното познавање е важно за подобро разбирање на светот... Зороастрија и учењето на ЗАРАТУСТРА – религија на древната ПЕРСИЈА

Најголемите светски религии длабоко влијаеле врз воспоставувањето на денешната култура и општествено-политичките уредувања. Токму затоа нивното познавање е важно за подобро разбирање на светот во кој живееме денес.

Оваа сторија започнува во древната Персија…

Да се погледне во долгата и богата историја на Персија, односно денешен Иран, овозможува неверојатна слика на која се плетат многу минати култури и цивилизации од стариот свет.

Во внатрешноста на големото царство, Персијците сочинувале малцинство и немале специфична персиска култура, барем не во сите аспекти, меѓутоа имале силна традиција со која влијаеле на различни народи и култури, но и од нив го земале најдоброто.

Персија или Иран?

Името Персија потекнува од иранскиот народ Парси и од истоимениот дел на земјата во јужен Иран (денешен Фарс), што старите Грци го нарекувале Персис, по што целата земја со која воделе 50 – годишна војна, ја нарекувале Персија, а народот – Персијци. Тој назив, многу подоцна, дури во 1935 година бил заменет со називот – Иран.

Најпрвин персиската цивилизација својата сила ја црпела од длабоките индо-ирански извори. Меѓу доселениците на Иранската висорамнина најголемиот учител, законодавец и реформатор на старата индо-иранска религија бил Заратустра.

Неговото име значи – оној кој го носи светлото, а неговата религија има повеќе називи: зороастризам, магизам, маздаизам и слично.

Поврзано за старата иранска религија, многумина латински филозофи пишувале дека станува збор за учење во кое се прикриени голем број тајни на природата.

Зороастрија

Низ историјата позната како „персиска религија“, зороастријата е една од најстарите монотеистички религии на светот и еден од најголемите ирански придонеси во историјата на религиските филозофија.

Длабоко вкоренет во древната индо-иранска и индо-европска традиција, зороастријата има заеднички корења со ведизмот и индуизмот.

Приказната почнува со доаѓањето на една миграциска струја на Индо-иранци на подрачјето на иранската висорамнина во периодот помеѓу 3000 и 1500 – тата година пред Христос. Се верува дека Заратустра, основачот на зороастријата и потомок на првиот бран Индо-иранци кои дошле на ова подрачје и кои постепено вовеле свој начин на живот.

Податоците што постојат во врска со биографијата на Заратустра се мошне оскудни и често пати се граничат со мит. Сигурно е дека неговото раѓање не може со сигурност да се смести во одреден временски период. Долго време се верувало дека живеел во XI век п.н.е., меѓутоа, поновите историски истражувања упатуваат дека живеел многу порано, односно помеѓу XII и XV век п.н.е.

Одлучувачкиот момент што придонел за успех на оваа религијае владетелот Виштаспа, кој одлучил да стане наследник и заштитник на Заратустра, по што следело нагло ширење на тоа учење во сите земји под негова власт.

Легендата вели дека омилениот коњ на Виштаспа се разболел и нозете му се повлекле во телото. По многу неуспешни обиди коњот да се излекува, своја помош до кралот понудил и Заратустра, поставувајќи му четири услови. Еден од нив бил кралот да ја прифати неговата религија. Секако, тоа бил неговиот омилен коњ па не се двоумел и ја прифатил понудата од мудрецот. Коњот бил излекуван, а целиот кралски двор доживеал религиски пресврт.

Се тврди дека Зороастријата имала свое влијание и врз еврејството и врз христијанството.

Заратустра останал да живее во кралскиот дворец сѐ до крајот на својот живот. Според историски податоци починал во 77 година од животот.

По неговата смрт, зороастијата се проширила кон југ низ подрачјето на денешен Авганистан и западното подрачје на Персија.

Зороастријата често пати се нарекува и религиска филозофија бидејќи се темели на проблемот на моралната и духовната природа на човекот. Тој бил официјална религија на многу моќни царства повеќе од 1000 години. Сите се протегале од реката Инд, сѐ до Египет и бреговите на Мала Азија.

Била една од најмоќните и највлијателни религии во светот, иако никогаш не бил прифатен како државна религија надвор од иранската сфера на влијание.

Кралската историја на Заратустра завршила со походот на муслиманите во VII век, при што бил потиснат од исламот. Од тогаш Зороастријата почнала да ги губи своите следбеници и денес нивниот број е сведен на околу 150 илјади приврзаници. Најголем број од нив живеат во индискиот град Мумбај (некогашен Бомбај).

Учењето на Заратустра
Учењето на Заратустра одржува единствен поглед на светот, а една од неговите темелни учења е верувањето дека духовните и материјалните животни облици се создадени од Богот – Ахура Мазда. Централно место во учењето има Аша, вечниот космички закон кој управува со светот. Ги има следниве квалитети: Вистина, Ред, Добрина и Праведност.

Според учењето, историјата е поделена на три периоди, период на создавање на светот, период на помешаност на доброто и злото и период на одвојување на доброто од лошото. Последниот период завршува со таканареченото совршенство.

Луѓето ја имаат способноста за борба меѓу двете крајности бидејќи, како што учи оваа филозофија, тие се опремени со интелект кој им овозмможува разграничување на доброто од злото. Минералите, растенијата и животните, таа способност ја немаат.

Така што, луѓето се добри или лоши според сопствениот избор, а не според природата и по смртта нивната душа го продолжува патот што го избрале за време на животот.

Како што вели Зороастријата, душите на оние луѓе кои што го избрале злото, ќе заврши таму каде што престојува злото, додека душите на оние кои што се определиле за доброто, своето место ќе го најдат до домот на добредојдените!

Авеста

Познавањето на Зороастријата се темели на проучување на светата книга Авеста, напишана на староирански јазик. Постоечката Авеста својот конечен облик го добила во III век, за време на владеењето на сасанидските кралеви, а се состои од ракописи кои не биле уништени во походите на Александар Велики во Персија. Учењата од оваа книга претежно се пренесувале усно, а во пишана форма се сочувани само текстови кои што се рецитирале во тек на ритуалите на Заратустра.

Пат кон праведноста

Заратустра проповедал дека човекот мора сам да ја спознае разликата меѓу доброто и злото, бидејќи, како што велел, таа е мошне очигледна. Неговото учење имало за цел духовна и морална обнова на светот. Тоа се базирало врз три принципи: добри мисли, добри зборови и добри дела.

Човекот е тој што ги моделира своите мисли, а мислите го сочинуваат човекот. Мислите го прават човечко суштество, светец или ангел, но мислите може да го направат и животно, грешник и демон, зависно од тоа какви мисли ќе одбере. Човекот ги манифестира мислите во зборови и во дела. На тој начин, човекот самиот си ја крои судбината и сам го одбира патот што ќе го следи. А, кога ќе се роди секој припаѓа во светот на праведноста, бидејќи, како што се вели во светите списи на оваа филозофија, тој треба да ги шири добрите мисли, зборови и дела и да се бори против лошиот дух.

До праведното делување, како и до спознавањето на разликите меѓу доброто и лошото, човекот доаѓа со напорно и правилно насочување на духот. Оваа филозофија предупредува дека без труд и без напор човекот ќе го одбере патот на злото.

Токму затоа, херој е оној што живее праведно, бидејќи многуте препреки и искушенија се токму на патот на праведноста. Не е тешко да се потклекне пред тие искушенија, туку е потешко да им се одолее.

Заратустра често пати говорел дека конечната победа на доброто над злото ќе се случи тогаш кога секој човек ќе чекори по патот на праведноста!

Библиографија:

Dhalla, M.N., History of Zoroastrianism, Oxford University Press, London, 1938.
Mehr, Farhang, Zarathuštranizam, Misl, Zagreb, 2005.

No comments so far.

Be first to leave comment below.

Наш избор:
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.