19/10/2021

Британски тим развива нов вид третман за превенција од ковид-19

Научниците во Велика Британија штотуку ги регрутираа првите учесници кои ќе бидат дел од новата долготрајна студија за антитела против коронавирусот. Ако третманот е ефикасен, тој може да им даде заштита на оние кои веќе биле изложени на вирусот САРС-КоВ-2. „Знаеме дека комбинација на антитела може да го неутрализира вирусот“, објаснува вирусологот Кетрин Хулихан од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCLH). „Се надеваме ќе откриеме дека давањето на овој третман преку инјекција може да доведе до непосредна заштита од развој на КОВИД-19 кај луѓе кои биле изложени на вирусот, а во случаи кога би било предоцна да стекнат имунитет со вакцина. Ова не е прв третман со антитела за COVID-19. Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп доби моноклонални антитела кога заболе од оваа болест, а во САД два различни третмани со антитела –  добија итно одобрување уште во ноември. Тие им се даваат на пациенти со лесна или умерена слика на КОВИД-19, кај кои постои ризик да развијат   тешка верзија на болеста. Оваа нова терапија со антитела, наречена AZD7442, развиена во соработка помеѓу UCLH и AstraZeneca, е малку поинаква. AZD7442 е комбинација на две моноклонални антитела AZD8895 и AZD1061, кои се насочуваат кон рецепторниот дел на САРС-КоВ-2. „Со насочување кон овој регион на вирусот, антителата можат да го блокираат приврзувањето на вирусот кон човечките клетки и според тоа, се очекува да ја блокираат инфекцијата“, напиша тимот на американската веб-страница ClinicalTrials.gov. Антителата се мали протеински молекули во форма на буквата – Y кои се закачуваат на одреден дел – наречен антиген – на вирус, бактерија или друг патоген и го „одбележуваат“ за да биде нападнат од имунитетниот систем, или директно го блокираат патогенот да ги нападне нашите клетки. Нормалното антитело се произведува од вашето тело по инфекција, додека моноклоналните антитела се клонираат во лабораторија и можат да се инјектираат на веќе заразено лице, за да му помогнат на имунитетот. Истражувачите се надеваат дека AZD7442 – студијата која штотуку ја започнуват ќе обезбедува заштита за оние кои биле изложени на вирусот, но сè уште немаат симптоми. На тој начин тие се обидуваат да го неутрализираат вирусот уште пред да почне да се размножува во организмот. „Ако сте во првата ризична линија, како што се центри за грижа на болни или ако имате пациенти кои се особено изложени на ризик да заболат од тешка фотма на КОВИД, како што се постарите лица, тогаш оваа метода може да спаси многу животи“, изјавил за Гардијан експертот за инфективни болести, Пол Хантер. „Ако живеете со вашата постара баба и вие или некој друг во куќата се зарази, тогаш би можеле да ѝ го дадете ова за да ја заштити“, додава Хантер. Дополнително, истражувачите се надеваат дека третманот може да биде ефективен на подолг рок, во период од 6-12 месеци, што значи дека луѓето кои не можат да примат вакцина од медицински причини, имаат друга опција да се заштитат од болеста.  
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.