21/04/2021

Во 1110 година Месечината исчезнала од небото! Конечно знаеме зошто

Пред скоро еден милениум, се случил голем пресврт во атмосферата на Земјата: огромен облак од честички богати со сулфур се појавил во стратосферата, затемнувајќи го небото со месеци или дури со години, пред на крајот да падне на површината на нашата планета. Знаеме дека овој настан навистина се случил бидејќи истражувачите ги анализираат примероците ледени јадра земени длабоко од замрзнатите плочи или глечери, кои ги заробиле паднатите аеросолите на сулфур. Мразот на тој начин може да зачува докази за вулкански активности пред неверојатно долги временски периоди, иако определувањето на прецизниот датум на настанот што се појавува во слоевите на ледното јадро е сè уште предизвик за научниците. За овој случај, научниците најпрвин претпоставувале дека сулфурниот нанос потекнува од голема ерупција во 1104 година на исландскаиот вулкан Хекла, наречен и „Порта за пеколот“. Сепак, најновите истражувања, објавени во април 2020 година од страна на палеоклиматологот Себастијан Гиле од Универзитетот во Женева, Швајцарија – покажале дека Хекла сепак не е виновник за гигантските  сулфатни наноси. „Откритието што произлегува од ревидираното датирање на слоевите на замрзнато јадро од Гренланд е големо и укажува на досега непозната вулканска активност, која довела до таложење на сулфат на Земјата, почнувајќи од крајот на 1108 година или почетокот на 1109 година од н.е. и постоела до почетокот на 1113 година од н.е.“, објаснува во нивниот труд, додавајќи дека доказите за истиот настан може да се видат и во слично ревидирана хронологија од мразот на Антарктикот. За дополнително да истражи што би можело да биде одговорно за оставање на овие древни сулфатни траги на врвот и на дното на светот, тимот побарал средновековни записи за затемнувања на Месечината, што би можело да се поклопуваат со претпоставениот период на ерупциите. Според записите на НАСА, засновани на астрономска ретро-пресметка, седум вкупни затемнувања на Месечината би можеле да се забележат во Европа во првите 20 години од последниот милениум, помеѓу 1100 и 1120 н.е. Меѓу нив, сведок на затемнување на Месечината што се случи во мај 1110 година, пишувал за „исклучителна темнина“ на Месечината за време на феноменот. „Петтата ноќ во месецот мај се појави Месечината, што сјаеше во предвечерието, а потоа малку помалку нејзината светлина се намалуваше, така што, кога падна ноќта, беше целосно згасната, ниту светло, ниту топче, ниту нешто од неа можеше да се види“, напишал еден набљудувач во “Питерборо хрониките“. Многу астрономи оттогаш разговарале за ова мистериозно и невообичаено затемнување на Месечината. Со векови откако се случило, англискиот астроном, Жорж Фредерик Чемберс, напишал: „Очигледно е дека ова [затемнување] е пример за „црно“ затемнување, кога Месечината станува прилично невидлива наместо да свети со познатата бакарна нијанса…“. И покрај тоа што настанот е добро познат во историјата на астрономијата, истражувачите никогаш не посочиле дека тоа може да било предизвикано од присуство на вулкански аеросоли во стратосферата, иако тоа е најверојатната причина, сугерира новата студија. „До други докази за постоење на завеса од вулканска пепел, како што е затемнетост на Сонцето, црвен мрак и/или црвеникави соларни ореоли, не се пронајдени за време на нашите истражувања за 1108–1110 година н.е.“, пишуваат истражувачите. Ако периодот е точен, тогаш кој вулкан бил одговорен за сулфурниот облак, со оглед на тоа што претпоставката дека тоа бил Хекла веќе е отфрлена? Иако е невозможно да се знае со сигурност, тимот смета дека најверојатното објаснување е јапонската планина Асама, која имала огромна, повеќемесечна ерупција во 1108 година – значително поголема од следната ерупција во 1783 година, во која загинаа над 1.400 луѓе. Запис во дневникот на некој државник го опишува настанот во 1108 година: „Имаше пожар на врвот на вулканот, дебел слој пепел во градината на гувернерот. Полињата со ориз се несоодветни за одгледување. Никогаш за такво нешто не се памети во земјата. Тоа е многу чудна и ретка работа“. Во прилог на извештаите на сведоците, истражувачите ги разгледувале и доказите од прстените на дрвјата, што сугерира дека 1109 година од новата ера била исклучително студена година (околу 1 степен Целзиусов во Северната хемисфера), што довело до појава на значително потенки прстени на дрвјата. Другата историска документација, особено извештаите за климатските и општествените влијанија во годините 1109-1111 година од н.е., ја потврдуваат хипотезата дека ерупцијата од 1108 година (или серија ерупции што започнале таа година), веројатно довеле до погубни ефекти врз погодените заедници. Истражувачите откриле „изобилство на сведоштва кои се однесуваат на неповолни временски услови, неуспеси на посевите и глад во овие години“, истакнувајќи дека „собраните докази сугерираат дека тешкотиите за егзистенција, кои започнале во 1109 година, се продлабочиле во неколку региони на западна Европа“. Се разбира, тие дамнешни тешкотии не можат да се земат како доказ за некој посебен еруптивен настан, но истражувачите велат дека сите докази, земени заедно, сугерираат на „заборавениот“ кластер на вулкански ерупции од 1108 до 1110 година кои оставиле страшни последици врз човештвото. Сега само повторно ги откриваме.  
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.