26/07/2021

Далечните предци на човекот имале способност за зимски сон?

Иако многумина од нас можеби копнеат да ја преспијат зимата, луѓето, за разлика од многу други цицачи – немаат капацитет да хибернираат. Но, неодамна објавена студија истражувала дали првобитните луѓе ја имале оваа способност во одреден момент од својата еволуција. Резултатите, иако прелиминарни, изненадувачки сугерираат дека тие го можеле тоа, дури и ако не биле сосема успешни. Животните коишто се способни за хибернација, на пример мечките, имаат специјализирани метаболички процеси за да се заштитат за време на оваа продолжена дремка. Но, понекогаш овој процес не оди според планот. На пример, животните може да се разбудат со низа болести после хибернацијата, ако не примиле доволно резерви на храна пред да заминат на спиење. “Хибернаторите понекогаш може да страдаат од разни метаболички болести ако немаат доволно резерви на маснотии”, пишуваат палеоантрополозите Антонис Барциокас и Хуан-Луис Арсуага во својот нов труд објавен во списанието ‘Сајенс дајрект’. Истражувачите сметаат дека ова можеби е случај и со некои човечки предци, чии остатоци се откриени во една шпанска пештера наречена – „Амбис на коските“ (Sima de los Huesos). Оваа длабока јама е наоѓалиште на неверојатен број на фосили, а археолозите откриле и илјадници остатоци од скелети на хоминини стари околу 430.000 години. Ова е многу пред „Nomo sapiens“ да ја насели Земјата. Иако има одредена дебата за тоа од кој човечки предок се фосилите, се знае дека барем некои од нив се H. heidelbergensis. Досегашните истражувања – дали човечките предци некогаш поседувале состојба слична на хибернација, со години покажувале дека тоа било невозможна мисија, но тимот смета дека на фосилите пронашле некои белези и траги од кои може да се добие спротивен впечаток. „Доказите, предизвикани од неподнослива хибернација кај адолесцентни индивидуи, укажуваат на присуство на годишни циклуси на метаболички дефицит кај оваа популација“, пишуваат истражувачите, посочувајќи и на знаци на дефицит на витамин Д поради недостаток на изложеност на сончева светлина. „Хипотезата за хибернација е во согласност со генетските докази и со фактот дека хоминините од тоа подрачје живееле за време на глацијалниот период. Идејата е дека овие антички хоминини можеби се обидувале да спијат низ постудените месеци и затоа нивните коски покажуваат лузни, од месеците на повлекување, без доволно залихи на маснотии и  недостаток на витамин Д. Пред да тврдиме дека човечките предци некогаш навистина хибернирале, треба да запомниме дека ова истражување е прелиминарно. Дури и самите истражувачи признаваат дека ова звучи малку како „научна фантастика“. „Идејта дека луѓето можат да бидат подложени на хипометаболна состојба аналогна на хибернацијата, може да звучи како научна фантастика, но фактот дека хибернацијата ја користат многу примитивни цицачи и примати, сугерира дека генетската основа и физиологијата за ваков хипометаболизам може да бидат зачувани кај многу видови цицачи, вклучувајќи ги и луѓето“, пишуваат тие. Ќе ни требаат многу повеќе информации пред да можеме да потврдиме дали овие древни човечки предци навистина хибернирале и ако тоа се потврди ќе треба да одговориме и на прашањето – како човечките видови целосно ја изгубиле таа способност, додаваат истражувачите.
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.