20/04/2021

Пајакови нишки како хируршки конец

Пајаковата мрежа се смета за чудо во животинскиот свет, а свилата што ја создаваат за најцврста и најеластична материја на светот. Пајаците имаат 6 различни жлезди на телото кои произведуваат различни видови нишки. Тие се со дебелина од само 0,0004 мм, а се посилни од челични со иста дебелина. Еднакво се силни како најлонскиот конец. Потребно е да се вложи 10 пати повеќе сила за да се раскине една нишка од пајакова мрежа во однос на некои други природни материјали, како што се целулозата, хитинот и колагенот. Познато е дека пајаците создаваат 7 до 8 различни видови нишки, но сите не се користат за градење на мрежа. Некои се за обложување на нивните живеалишта, на оплодените јајца, на фатениот плен или, пак, при размножување. Имено, некои мажјаци прво со мрежата ја имобилизираат женката за непречено и сигурно да ја оплодат, без страв за сопствениот живот доколку женката по оплодувањето посака брз протеински оброк во вид на веќе непотребниот мажјак. Иако можеби не ги гледаме како корисни, пајаковите свилени нишки освен како „украс“ во аголот на ѕидот се користат во дизајнирање и создавање на најтенки ткаенини. Некои видови пајаци произведуваат мошне јаки нишки кои не се кинат и можат да бидат долги дури 200 метри. Германски пластични хирурзи сакаат нив да ги искористат за зашивање на искинати нерви кај луѓето. Голема предност на тие нишки е што се разградуваат по природен пат и не предизвикуваат воспаление на ткивото. Од жлездите во задниот дел од телото на пајакот, кои лачат нишки, научниците со помош на пинцета ја фаќаат нишката и ја лепат за машина која во суштина е тркало со пречник од 30-тина сантиметри. Професорот Петер Фогт, шеф на одделението за пластична хирургија на клиниката во Хановер, смета дека пајаковите нишки навистина можат да помогнат. „Пајаковите нишки се мошне цврсти и мазни. Мошне важно е и тоа што се природен, а не вештачки материјал. Кога се употребува вештачка материја се јавува опасност од кинење или предизвикување на различни воспаленија во човечкото тело. Пајаковите нишки се разградуваат по природен пат и не предизвикуваат воспаленија во ткивото“, нагласува тој.  
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.