05/12/2021

По 40 години китовите се вратија во северните мориња

Мрачната историја на китоловството довела многу видови до работ на истребување, дури и во оддалечените води на Северниот и Јужниот Пол. Само околу Антарктикот биле убиени над 1,3 милиони китови за само 70 години. Оваа индустриска жетва целосно уништила многу популации на големи китови во Јужниот Океан. Но, скоро 40 години по завршувањето на комерцијалниот лов на китови, конечно гледаме знаци дека некои од најчесто ловените видови се опоравуваат, пренесува „The conservatnions“. Во неодамнешна студија, научниците објавија дека популацијата на сините китови, кои некогаш ги ценеле поради нивната огромна масивност, се зголемува во водите околу под-антарктичкиот остров Јужна Џорџија, со каталогизирани 41 нови единки во последните девет години. Во тоа подрачје околу 3.000 сини китови биле убивани секоја година за време на масовниот лов  во почетокот на 20 век. Водите околу островот се богати со планктон, што го јадат овие китови, а научниците веруваат дека нивното враќање најавува „повторно откривање“ на овие океански џинови од страна на новите генерации. Слични знаци на опоравување се документирани и за грбавите китови околу западниот Антарктички полуостров. Со исчезнувањето на индустријата за китови, поларните мориња се меѓу најдобрите места овие океански гиганти да ги обноват своите популации. Нивните живеалишта тука се сè уште релативно чисти и во моментот, содржат прилично стабилни резерви на храна. Суспензијата на ловот на китови од 1984 година го спречи истребувањето на овие видови во поларните води, но се поставува прашањето дали ќе може да ги заштити од новите предизвици што ќе се појават кога глобалното затоплување ќе почне да ги менува и овие региони. Со помалку морски мраз и подолги периоди без мраз во текот на летото, полесниот пристап до Арктикот и Јужниот океан и нивните ресурси примамува многу индустрии да се прошират или да се етаблираат во овие далечни води. Сообраќајот на бродови, особено на Арктикот, се зголемува, а китовите се едни од најранливите на зголемената бучава и потенцијално смртоносна закана од судир.
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.