Се што треба да знаете – „ТИГРИЦА“ како домашно милениче Се што треба да знаете – „ТИГРИЦА“ како домашно милениче
Во последниве педесеттина години папагалот – „тигрица“ (Melopsittacus undulatus) спаѓа во најпопуларните пердувести миленичиња. Причина за толку големата популарност се нејзината интелигенција, убавите шари... Се што треба да знаете – „ТИГРИЦА“ како домашно милениче

Во последниве педесеттина години папагалот – „тигрица“ (Melopsittacus undulatus) спаѓа во најпопуларните пердувести миленичиња. Причина за толку големата популарност се нејзината интелигенција, убавите шари на пердувите и разиграноста.

Овој вид релативно лесно се припитомува, а со малку труд може да научи и да изговара некои зборови. Цената е пристапна, а условите за чување се едноставни.

Краток историјат на тигриците

Пра-татковина на видот е далечната Австралија. Денес ги населува непрегледните простори во внатрешноста на австралискиот континент, а во големите градови се среќава како што кај нас се среќаваат гулабите и врапчињата. Името го добива како резултат на тигрестите шари на крилцата.

Во почетокот на 19 век видот е пренесен и во Америка, Велика Британија и Јапонија. Во почетокот нивната цена била мошне висока, но со текот на времето станувала се подостапна.

Иако нивната природна боја е зелена со жолти полиња и црни полумесечести пруги, со вкрстување на видовите добиени се и други бои, како што се сина, бела, сива и виолетова.

Купување папагал „тигрица“

Откако ќе поразговарате со домашните и ќе решите да купите папагал тигрица, размислете околу тоа – на кое место во домот би го поставиле кафезот. Најдобро е птицата да ја купите директно од проверена продавница за домашни миленичиња. Секогаш барајте младо папагалче, на возраст од околу шест недели. Него ќе можете најлесно да го научите на различни трикови. Пред да одберете, добро разгледајте ги сите. Здравата птица е внимателна, постојано е разиграна и потскокнува. Има добар апетит и бистри очи. Долниот дел на стомакот, кај опашката треба да биде сув и чист, а на телото да нема места без пердуви. Клунчето треба да е затворено, нозете светло – розеви, без излупена кожа.

Кај младите единки носето е розево, а кај постарите мажјаци има сина боја. Кај женките пак, неговата боја варира од бела до сива. Тоа е основен знак за препознавање на полот кај овој вид папагали. Во секој случај, ако не сте сигурни за здравјето на птицата и за нејзината возраст, немојте да ја купувате. Ако сте поголемиот период од денот излезени и ако птицата мора да останува сама, имајте предвид дека може да стане депресивна. Во таков случај подобро е да купите две папагалчиња. Тигрицата која што е постојано сама почнува да си ги кубе пердувите од кријлата и од градите.

Заедно со папагалчето, секако, мора да купите и кафез. Запомнете – кафезот никогаш не може да биде преголем. Ако имате доволно простор во домот, обезбедете за папагалчето колку што е можно поголем простор. Тоа е еден од најважните услови за долг и здрав живот на вашето милениче. Кафезот за една тигрица не треба да биде помал од 50х30х50 cm. Дното на кафезот треба да е од пластика и да може да се одвојува од решетките. Внатре се наоѓаат неколку пречки за стоење, хранилка и поилка за вода. Дополнителните реквизите се купуваат по желба. Но, не е на одмет да има уште еден, помал сад, за песок или за минерали.

За да се навикне побрзо на вас, кафезот чувајте го во просторијата во која што и вие поминувате најголем дел од денот. Немојте да тропате по решетките, ниту да ја плашите на кој било друг начин. Во таков случај дома наместо весело распеано папагалче, ќе имате преплашен затвореник кој секој ден полека ќе умира.

Кафезот не смее да биде изложен на провев и на директни сончеви зраци. Кујната, купатилото или ходникот во никој случај не се место за чување на кафезот.

Прехрана

Основната прехрана на тигрицата се состои од мешавина на различни видови ситни семиња. Најдобро е да се купи мешавина што содржи повеќе различни видови. Покрај основната храна треба да се даваат и витаминско – минерални додатоци кои и се потребни за правилно варење на храната. Тие се ставаат во малечок сад и птицата си ги зема по потреба.

Од овошјата тигрицата може да јаде парченца јаболко, крушки, портокали и сл., а зеленчукот треба секогаш да биде свеж, измиен и сув. Слободно давајте морков, магдонос, целер, домати, пиперки, а избегнувајте кељ, зелка, блитва и краставици бидејќи тие може да предизвикаат проблеми во варењето на храната.

За време на менување на пердувите, во пролет и на есен, треба на своето милениче да му обезбедите дополнителни минерали кои што ќе ги ставите во водата за пиење. Можете да ги најдете во секоја продавница за домашни птици.

Припитомување на „тигриците“

Овие птици се мошне дружељубиви, па со малку  трпение можете мошне лесно да ги припитомите. Новите сопственици често пати грешат уште на самиот почеток, сакајќи птицата да ја припитомат во најкраток можен период. Тоа најчесто доведува до вознемиреност и страв кај папагалчето.

Првите десетина дена по купувањето птицата треба да ја оставите да се прилагоди на новата средина, без поголеми вознемирувања. Потоа, со смирен и тивок глас приблежете се до кафезот, за да почне птицата да се привикнува на вашето присуство. Секако, избегнувајте нагли движења оти ако многу се вознемири, папагалчето почнува да лета низ кафезот и може да повреди или да скрши некое крилце или ноџе. Тие повреди речиси секогаш завршуваат трагично по животот на птицата.

Прв знак дека папагалчето се навикнало на вашето присуство е нејзино мирно стоење на некоја од пречките додека стоите до кафезот или додека и ја менувате храната. Тогаш, седнете крај кафезот и повторувајте го нејзиното име. Разговарајте со птицата за да ве прифати и да се увери во вашите искрени пријателски намери. Кога ќе ве прифати и нема да се плаши, обидете се, кога ќе и ја менувате храната, внимателно да и го подадете едниот прст, за да застане на него. Ако почне да се плаши и да бега прекинете ја вежбата и повторете ја следниот ден. После неколку обиди, таа ќе се качи на прстот. Нека постои малку, па доближете ја до пречката за да се префрли на неа, а вие внимателно извадете ја раката од кафезот.

По оваа фаза, можете да ја отворите вратичката и папагалчето да го пуштите малку да лета и да го истражува просторот. Претходно задолжително затворете ги прозорците и спуштете ги завесите, бидејќи птицата нема да го забележи стаклото и ќе удри во него. Откако ќе заврши со летањето, таа ќе ожедни и ќе се врати во своето катче. Секако, можете и вие да се обидете да ја вратите, откако ќе и го доближите прстот да се качи на него.

Штом ќе ве прифати и вас и просторот, може да се започне со учење зборови. Наоружајте се со трпение и секојдневно повторувајте ги зборовите кои што сакате и таа да ги повтори. Папагалчето може да совлада околу 50 зборови, кои што често пати ќе ги повторува во помешани и смешни реченици.

Хигиена и здравје 

Хигиената на кафезот е најважен услов за долговечност и здравје на папагалчето. Затоа, подлогата на кафезот мора на секои две недели да се чисти со млака вода и со детергент. Пред да ја вратите птицата внатре, сите елементи мора да се потполно суви.

Што се однесува до хигиената на самата птица, таа не смее да се полева со вода. За својата чистота се грижи сама. Доволно е во летните месеци во кафезот да оставите плитка кадичка со вода, па таа ќе почне да се прска самата. За хигиената на клунот доволно е во кафезот да закачите сипина коска од која редовно ќе си го остри и ќе го струга клунчето.

Промените во однесувањето на папагалчето, како што се смиреност, повлеченост, ќутливост, пролив или пак, долготрајно стоење со накострешени пердуви, би можело да бидат знак дека птицата е болна. Во тој случај веднаш посетете ветеринар бидејќи болеста кај нив брзо се развива.

Од заразните болести, кои може да се пренесат на човек, кај нив може да се јави пситакозата. Тоа е заразно вирусно воспалување на белите дробови. Денес е мошне ретка, а законски е регулирано сите продавници за птици да имаат потврда од ветеринарна инспекција дека птиците се здрави.

Животниот век на тигриците е околу 14 години, секако при добра нега и однесување кон нив.

Подготвил: Д-р. вет. Петар Блажевски

Наш избор:
Copy Protected by Chetan's WP-Copyprotect.