(ВИДЕО) Антички Рим вратен во живот! Неверојатна виртуелна реконструкција на „Вечниот град“ од времето на императорите

Рим е едно од најзагадочните места во Европа, познат како „Вечниот град“ поради својата античка историја и длабоката улога во обликувањето не само на италијанската историја, туку и пошироко. Срцето на некогашната моќна Римска империја сè уште привлекува милиони посетители годишно кои ги обиколуваат урнатините од некогашните грандиозни палати, храмови и улици во градот. Многу од овие места денес се делумно руинирани, но нивната величественост и сјај одекнува и во 21 век, небаре духовите на древните Римјани и легии сѐ уште шетаат низ градските улици и легендарниот Колосеум. Посета на Рим во моментов е деликатна работа, пред сѐ поради строгите мерки за контрола на пандемијата од коронавирусот. Но, сè уште постои начин да се посетат некои од тие неверојатни места, а напуштањето на домот не е ни потребно. Благодарение на триото експерти кои ја комбинираа својата генијалност за компјутерска графика со нивната љубов кон археологијата и античкиот Рим, обиколката може да се направи и од дома. Потребно е само Интернет конекција и компјутер. Професионалците од различни дисциплини, вклучувајќи графички дизајнери и компјутерски аниматори, околу една деценија работат на создавање на виртуелен антички Рим, овозможувајќи им на гледачите поглед на животот во градот пред неколку векови. Нивното дело нуди широк панорамски поглед на антички Рим, во периодот околу 320-ттата година по Христа. Тие ги редизајнирале зградите и улиците како што изгледале некогаш, заедно со сите детали, бои и размер.