Зошто се вели дека детелината со четири листови носи среќа?


Митот за детелината со четири листови е распространет насекаде низ светот, а потекнува од ирската култура. Четирилисната детелина и денес е традиционален ирски симбол.
Уште од многу одамна, речиси кај сите народи, пронаоѓањето на детелина со четири листови се смета за среќно, но зошто?
Во светот постојат околу 300 видови детелини и речиси сите имаат по три листови на едно гранче. Најчести видови кои растат кај нас се бела, црвена и црна. Во одредени случаи и под определени околности, кај сите нив се случуваат генетски мутации (пореметувања во развојот) и се создаваат детелини со четири, пет па и повеќе листови.
Се смета дека четирилисните детелини носат среќа токму поради реткоста на нивното појавување, па оној кој ќе ги забележи е вистински „среќник“!
Според легендите, Ева изнела четирилисна бела детелина од Рајската Градина. Исто така, во средновековни времиња се сметало дека детелината со четири листови штити од зли духови.
Како и да е, денес детелината со четири листови сè уште е симбол на среќа и се прават многу амајлии, приврзоци, украси и други детали во облик на четирилисната детелинка.